Молк од генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошески откако беше повикан во станица како организатор на мечот меѓу Македонија-Данска. Тој не одговара дали чувствува вина како прв човек на федерацијата, што во салата било дозволено да влезе публика, иако истото е спротивно на протоколите за заштита од вирусот.
„Скопје 1“ го праша Милошески дали смета дека е направен и пропуст кај РФМ што во салата биле пуштени повеќе луѓе, меѓу кои директорот на зоолошката градина, Ѓорги Галетановски, директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов, пратеникот Дарко Каевски и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.
Освен на овие, организаторот РФМ ќути и за тоа дали ќе признае грешка поради неиспочитуваните протоколи, но и дали тој ги испратил поканите кај дел од гостите, како што тврдеа и самите.
Засега, до Основното јавно обвинителство не е поднесена кривична пријава. Оттаму за „Скопје 1 “ велат дека сите лица биле повикани да дадат исказ во полициска станица.
„Доколку притоа Министерството за внатрешни работи утврди кривична одговорност кај лицата и поднесе кривична пријава, Обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од Обвинителството.
До овој момент нема информација до каде е постапката која ја води МВР, а со оглед дека вчера е завршен и распитот на Филип Милошески како прв човек на РФМ, иако претходно го одложил бидејќи не бил во Македонија.