Започна ослободувањето на трасата за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој посочува дека со завршувањето на експропријацијата на дел од имотите се создадени услови за продолжување на постапката.
Според Ѓорѓиевски, истекол рокот за иселување на семејствата чии имоти биле опфатени со завршената експропријација, со што, како што наведува, може да се продолжи со ослободување на трасата и со следните активности за ставање на мостот во функција.
„Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува“, порача Ѓорѓиевски.
Тој потсетува дека мостот со години бил предмет на критики и незадоволство кај скопјани поради тоа што, иако бил изграден и во него биле вложени средства, не бил ставен во функција. Според него, мостот конечно треба да ја исполни својата намена – да ги поврзе Гази Баба и Аеродром, да го растовари сообраќајот и да го намали времето на патување низ градот.
Ѓорѓиевски наведува дека при преземањето на функцијата градоначалник ветил дека проблемот ќе биде решен во текот на неговиот четиригодишен мандат, а сега, како што вели, за помалку од една година е направен значаен чекор кон исполнување на ветувањето.
Тој посочува дека експропријацијата била еден од клучните предизвици за ослободување на трасата и дека паралелно продолжува постапката за преостанатиот дел од булеварот, со цел целосно да се заврши оваа сообраќајна врска.
Градоначалникот упати благодарност до семејствата чии имоти биле опфатени со постапката, посочувајќи дека нивната подготвеност за договор овозможила да се направи исчекор кон реализација на проектот.
„Знам дека зад секој дом стојат години живот, спомени и длабока приврзаност. Затоа нивното разбирање, доверба и подготвеност за договор заслужуваат почит“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ќе продолжи со активностите за реализација на проектот и порача дека целта е создавање Скопје со подобра инфраструктура и полесно поврзување меѓу различните делови на градот.