Штрајк на контролата на летање на скопскиот Аеродорм – нема да има. Ова значи дека нема да има блокирање ни на авиосообраќајот за време на новогодишната ноќ и ден потоа. Огласот кој беше причина ќе остане, вработувањата ќе се реализираат. Претседателот на Самостојниот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, смета дека работните места не се суштински.
„Заклучивме да го откажаме штрајкот од неколку оперативни причини. Видовме дека со нашата активност доведуваме до тоа изборот на неопходниот оперативен кадар да биде пролонгиран и да не може да се изврши доколку продолжиме да инсистираме на 10 работни денови за конкурсот, а и понатаму стоиме на тоа дека треба да отпаднат тие двајца несуштински кандидати за вработување. Имавме опција или целосно да се откажат сите вработувања или да прифатиме, односно да ја 'проголтаме' неисправноста од страна на директорите кои веројатно играле на така карта за да немаме шанса за маневрирање“, изјави Тасевски.
Доколку оперативниот кадар не биде примен сега, појасни, најверојатно во текот на 2024 година нема да може да конкурира што дополнително ќе го отежне работењето на колегите од оперативна и од воздухопловна техника и инженерите и не би сакале да ги ставиме во таква ситуација.
Најавениот штрајк, доколу се реализираше, ќе ги блокираше патувањата на граѓаните за новогодишната ноќ.