Новиот концесионер на Охридско Езеро, Милорад Чавкоски, кој треба да го заштити рибниот фонд, има бизнис-релации со досегашниот концесионер Ристе Танаскоски, чија концесија беше одземена. Чавкоски е сопственик на „Летница-Белвица“, новоизбраната фирма концесионер на езерото, а истовремено сè уште е управител на „Пастрмка - 2013 Струга“ подружница на „Пастрмка 2012“, компанија на која лани ѝ беше одземена концесијата поради непорибување и неплатени обврски кон државата, сопственост на Танаскоски.
На аукцијата за концесијата, од седум пријавени, наддавале само две фирми, „Летница-Белвица“ и „ ЗЗ Охридска риба Струга“, двете поврзани со Чавкоски и Танаскоски. Двајцата се партнери во фирмата „Езерска риба“ каде сопственоста ја делат со трето лице, Пепи Винца, кој, пак, е сопственик на „ЗЗ Охридска риба Струга“, фирмата која изгубила на наддавањето.
Од ова произлегува дека било сосема небитно која од двете фирми ќе ја добие концесијата бидејќи сопственоста води до истите лица. Поради тесните врски меѓу стариот и новиот концесионер, охриѓани не веруваат дека криволовот ќе биде спречен.