Професорот по уставно право Денис Прешова смета дека актуелната дебата за начинот на извршување на одлуките на Уставниот суд од страна на редовното судство отвора сериозни правни и институционални прашања, но истовремено покажува дека Македонија значително заостанува зад регионалните и поразвиените правни системи.
Прешова посочува дека слични тензии меѓу уставното и редовното судство во други земји се предмет на стручни дебати со години, додека кај нас прашањето повторно се отвора без доволно внимание на релевантните правни акти, одлуки и судска практика.
Според него, еден од клучните проблеми е тоа што Македонија нема посебен закон со кој соодветно би се регулирале прашањата поврзани со правното дејство и извршувањето на одлуките на Уставниот суд.
„Уставниот суд нема никаква уставна основа самиот да регулира правно дејство и извршување на сопствените одлуки“, смета Прешова, оценувајќи дека со актуелното уредување се отвора и прашањето за навлегување во законодавната власт.
Тој посебно се осврнува на четирите одлуки на Уставниот суд во последните три години поврзани со слободата на изразување на новинари, во кои била утврдена повреда на нивните права во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Прешова забележува дека со овие одлуки Уставниот суд отстапил од претходната практика на поништување на одлуките на редовните судови и наместо тоа утврдил само постоење на повреда. Токму тоа, според него, го отвора прашањето како треба да се постапува со одлуките на редовното судство кои остануваат во сила.
„Во нормалниот и учен свет пресудите со кои се кршат правата и слободите се поништуваат и предметот се враќа на повторно одлучување, а не барателот сам да го моли редовното судство да му ја повтори постапката“, наведува професорот.
Тој има сериозни забелешки и на образложенијата на четирите одлуки, оценувајќи дека тие не содржат доволно суштински правни аргументи со кои би се објаснило зошто е утврдена повредата на слободата на изразување.
Од друга страна, Прешова смета дека и редовното судство не може едноставно да ги игнорира одлуките на Уставниот суд. Според него, судиите треба да ги земат предвид Уставот, Законот за судовите и другите релевантни акти, а начинот на кој ќе постапат понатаму зависи од нивната правна оценка и аргументираноста на одлуките на Уставниот суд.
Професорот поставува и прашање зошто во период од три години се донесени четири речиси идентични одлуки и дали станува збор само за конзистентна судска практика или постојат и други околности што треба да се испитаат.
Прешова смета дека треба да се анализира и составот на судиите известители во овие предмети, како и нивната непристрасност и објективност во однос на конкретните настани и околности.
На крајот, тој оценува дека актуелната дебата е само почеток и дека има уште многу прашања за кои треба да се разговара и пишува.