Од Арафат Муареми, директор на Финансиската полиција, Обвинителството со кое раководи Вилма Русковска топката ја сврте кон Оливер Спасовски. Преку брифинзи дадени по медиуми, се чини дека започнува нова битка. Иако во јавноста беше познато дека Русковска го „тресела“ Муареми поради како што изјавила, 300 предмети кои се заборавени и по кои не е постапено, но и поради кривична пријава од сопственик на дебарска перална, сега со брифинзи се менува реториката.
„СДК.мк“ објави дека една од пријавите (чија содржина велат дека ја знаат од брифинг) кои наводно ги добило Обвинителството каде шефува Русковска, а се однесувала на станицата во која што бил извршен технички преглед на автобусот на „Беса Транс“ што изгоре во Бугарија. Во текстот, експлицитно се додава: „а е против МВР“. Ова се толкува дека пријавата е против Оливер Спасовски, а од Обвинителството со кое раководи Русковска се испраќа некаква порака.
Со ова се отвора старо-новиот фронт Русковска-Спасовски. Но нејасно е како ова го оправдува претресот во Финансиската полиција, која е надлежна само за финансиски криминал, но не и за издавање на дозволи за исправност на возило, како и лиценци.
Јавна тајна е дека Русковска и Спасовски не се во добри односи. Познато е дека искри летаа уште кога таа го ангажираше поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, во нејзиниот тим, а само неколку дена откако тој од Спасовски, односно МВР, доби предвремено пензионирање. Се чини дека овој брифинг може дополнително да ги влоши односите.
Освен ова, Русковска за „Призма“ во мај минатата година се пофалила дека сѐ помалку МВР знае што таа работи. Таа гордо се фалеше дека малку луѓе од МВР знаеле за предметите „Рашковски“ и „Планина“, но и други отворени случаи.
Спасовски досега, никогаш не и давал на значење на Русковска, ниту ги коментирал нејзините постапки.
Од Русковска досега „раце кренаа“нејзини колеги обвинители кои се дел од Здружението на јавни обвинители, додека таа се караше со Муареми. Незаконско постапување констатираше и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески со неговите колеги. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал се обиде да добие поддршка од странските амбасади како САД, но и од ЕУ, но и тие ѝ рекоа: „Ова прашање треба да го решат надлежните органи“.
Доколку биде покрената постапка пред дисциплинската комисија или пред Советот на јавни обвинители, Русковска може уште пред нејзиното пензионирање во ноември да биде суспендирана.