Верниците од исламска вероисповед денеска го одбележуваат Курбан Бајрам, вториот најголем муслимански празник по Фитр Бајрам.
Празникот започнува со Бајрам-намаз, молитва со која верниците бараат милост од Алах, а централно место во одбележувањето има принесувањето курбан – жртва која симболизира приближување кон Бога.
Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња, а месото потоа се дели на сиромашни, соседи и роднини, како симбол на солидарност, хуманост и заедништво.
Курбан Бајрам трае три дена и се одбележува 70 дена по Фитр Бајрам. Празникот е тесно поврзан со аџилакот, кој претставува еден од петте темели на исламот.
По повод празникот, поглаварот на Исламска верска заедница, Шаќир Фетаи, упати честитка до верниците.
Во пораката, Фетаи истакна дека Курбан Бајрам го потсетува верникот да ги оттурне омразата, љубомората, агресивноста, дискриминацијата и поделбите и да се посвети на мир, почитување и меѓусебна солидарност.