МВР со детали за фемицидот во Велес – поранешен партнер ја усмрти 31-годишната Росица и нејзиниот татко
МВР и официјално соопшти детали за последниот фемицид што вчера попладне се случи во Велес. На улицата „Кочо Рацин“ била пронајдена 31-годишната Р.К. со повреди од остар предмет. Таа била пренесена во велешката болница, каде лекарите констатирале смрт.
Според првичните информации, жената заедно со својот сегашен партнер Ф.Т. дошла во домот на нејзиниот татко. Кога ја отворила вратата, била нападната со нож од нејзиниот поранешен партнер И.С. (39) од Скопје, кој ја заклучил вратата.
Полицијата потоа во куќата го пронашла и нејзиниот татко К.К. (74) мртов, со повреди од остар предмет. Таму бил затекнат и осомничениот Илија Стефановски, кој исто така имал повреди, за што полицијата смета дека откако ги убил и двајцата, самиот посегнал по сопствениот живот. Подоцна починал во болницата.
На местото на настанот увид извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Велес. Телата на починатите се дадени на обдукција, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.