Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска (9 август) ги распиша локалните избори во Македонија, на кои ќе се избираат градоначалници и членови на советите во сите 80 општини и во Градот Скопје.
Денот на гласање во првиот круг е закажан за 19 октомври 2025 година, а вториот круг ќе се одржи на 2 ноември. Кампањата официјално ќе започне 20 дена пред првиот круг.
Според Изборниот законик, за градоначалник е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови, под услов да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи. Доколку ниту еден кандидат не го исполни овој услов, ќе се одржи втор круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови. Во првиот круг ќе се избираат и новите состави на општинските совети.
„Изборите не се прост технички процес, туку суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес“, изјави Гаши по распишувањето на изборите.
Тој повика сите политички партии и кандидати да покажат висок степен на политичка култура, да избегнуваат притисоци, говор на поделби и злоупотреба на институциите и јавните ресурси за партиски цели.
За организацијата на изборите, државата издвојува 9,7 милиони евра, од кои околу две третини се предвидени за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Ова се осми по ред локални избори во државата од независноста во 1991 година. Претходните се одржаа во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.