На 66-годишна возраст почина Нури Бајрами, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција и новинар.
Бајрами беше дел од Антикорупциската комисија во мандатот до 2024 година. На првата седница по неговиот избор во февруари 2019 година беше избран и за заменик-претседател на ДКСК, функција што ја извршуваше една година.
По професија правник, Бајрами претходно работел и како новинар и главен уредник на ТВ2, а извршувал и повеќе функции во Општина Гостивар.
Во текот на неговиот мандат во Антикорупциската комисија беше познат по редовното присуство на работното место, при што секојдневно патувал со автобус од родниот Гостивар до Скопје.
Неговата здравствена состојба се влошила по операција на нозете, по што подолг период бил неподвижен.
Семејството информираше дека погребот ќе се одржи денеска, сабота (18 јули 2026 година), по попладневната молитва.