Комуникација помеѓу обвинетите Бојан Јовановски и Фросина Ременски на апликацијата „Ватсап“, скоро два часа се читаше на денешното рочиште за случајот поврзан со невладината организација Меѓународен сојуз. Двајцата разменувале и комуникации кои претходно ги имале со државни функционери. Во текот на презентирањето на пораките се споменуваа имињата на Стефан Богоев, Ардијан Амзовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Александар Кирацовски. Се зборува за меморандуми за соработка, парцели, договори, анекси на договори, враќање на средства, процедури. Првата порака која ја презентираше обвинителката Милица Гаврилова е од 6 јули 2017 година, објави А1 ОН.
Според презентираните пораки, на 12 јули 2017, Бојан Јовановски и пишува на Ременски: „Кога можеш да се видиме, мораме да почнеме со конкретизирање на фирми“. Во друга порака на друг датум и пишува нова порака: „Остави максимален впечаток, те претставив како страв и трепет….“. Обвинителката не објасни што покажуваат овие пораки меѓу двајцата обвинети.
Комуникацијата продолжила и на 14 септември 2017 година кога Бојан Јовановски и праќа порака на Ременски: „Вечер е отворање на главниот штаб на Стефан. Планирај да одиме и да ја видиме целата ситуацијата“. На 8 октомври 2017 година, Јонвановски и испратил „скриншот“ од комуникацијата со Стефан Богоев на Ременски, каде меѓу другото пишува: „Да се слушнеме на кратко“. На 19 октомври 2017 година, Ременски праќала „скриншот“ од парцели и броеви од истите, со објаснување дека трета личност и ги пратила. Јовановски прашува: „Што е ова?“, а Ременски одговара: „Плацевите негови во Злокуќани“.
„Ова е перверзија“, искоментира Јовановски при презентација на пораките, по што беше предупреден од судијката за неговото однесување.
Ременски на 31 октомври му прератила порака на Јовановски од извесна Јулијана, поврзана со планови за блок од 2017 година. Во друга комуникација, Ременски му праќа фотографиран лист на Јовановски, каде рачно е напишано: „Социјалните и детските права во Република Македонија“, „Функционалност од аспект на социјална заштита во руралните средини во Република Македонија“ …“. По ова Ременски му пишала: „Ова се насловите на проектите, може да се разработи цел концепт, сега само ова“, а Јовановски враќа: „Добро, сега се будам, се гледаме во 17 часот.
Тие разменувале и „скриншот“ од разговор помеѓу извесен Кочо и Ременски во која меѓу другото стои: „Ве молам да разговарате со Боки да ми ги врати сите средства кои му ги дадов одеднаш и нема да има никаков проблем“, а по ова следува коментар „Види будале“.
Пред крајот на рочиштето беше презентирана и пораката која Јовановски му ја испратил на Заев, а беше дел од доказите во случајот „Рекет“, каде обвинетиот е веќе осуден. Овој пат, таа порака е презентирана како „скриншот“ кој Јовановски го испратил до Ременски.
„Премиере јас сум убеден во она што ви го напишав во претходната порака во име на нашето познавање ве замолувам да ме примите на една средба. Јас никогаш не сум го злоупотребил вашето име….“, му пишува Јовановски на Заев, по што добива одговор: „… Ова е чист рекет, мое е да постапам“
На судењето беа презентирани и дел од разговорите помеѓу Јовановски и Енвер Малиќи остварени преку апликацијата „Ватсап“. На следното рочиште ќе се продлжи со презентација на материјалните докази.
Текстот во целост на: А1 ОН.