Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, ја искоментира изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, кој кажа дека 2030 година е амбициозен, но достижен датум за членство на Македонија во Европската Унија. Бачев потсети на низа отстапки направени од нашата држава.
„На сите отстапки и уште да се радуваш на 2030, треба да си тежок идиот. А не се било какви, туку отстапки за рушење на Македонија и Македонците: јануари 1992 промена на Уставот и откажување од Македонците во Грција, април 1993 срамниот прием во ООН како „ПЈРМ“, октомври 1995 промена на знамето со шеснаесеткракото сонце, август 2001 капитулантскиот Рамковен договор и дефакто федерализација, 2004 катастрофалната територијална поделба, 2017 двојазичност, 2018 промена на името, најново, отстапките спрема Бугарија....Абе со вакви отстапки требаше не во ЕУ, туку на Марс да ве качат, ѓубриња едни непрокопсани!“, напиша Бачев.
Две илјади и триесета е амбициозен, но достижен датум, заеднички работиме на таа цел. Иднината на политиката за проширување е отворена и поставена е цел за која треба и државите од Западен Балкан и ЕУ да се подготвиме и да ја достигнеме, објави на фејсбук вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по учеството на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со комесарот на ЕУ за соседство и проширување, Оливер Вархеји.