Раното откривање на повторната појава на малигните заболувања може значително да ги подобри шансите за успешно лекување. Токму во таа насока, на ЈЗУ Универзитетска клиника за урологија во Скопје беше претставена современата метода ctDNA (циркулирачка туморска ДНК), која овозможува откривање на микроскопски траги од тумор преку анализа на крв.
Од Клиниката информираат дека оваа метода може да покаже присуство на туморски клетки дури и во случаи кога дијагностичките испитувања, како компјутеризирана томографија и магнетна резонанца, не регистрираат никакви промени.
Според стручните лица, особено значајни резултати се забележани кај пациентите со карцином на мочниот меур, каде што навременото откривање на можен рецидив може да придонесе за подобар терапевтски исход.
Иако ctDNA анализата не претставува самостојна дијагностичка метода, таа има важна улога како дополнителна алатка за попрецизно и персонализирано следење на пациентите.
Од Универзитетската клиника за урологија нагласуваат дека персонализираната медицина претставува иднина на онколошкото лекување, овозможувајќи секој пациент да добие соодветен третман во вистинскиот момент.