Со девет гласа „за“ и седум „против“ во Комисијата за уставни прашања помина и вториот нацрт амандман кој се однесува на измените во Преамбулата. Со измените одлуките на АСНОМ ќе се заменат со Прогласот од АСНОМ и ќе се додаде Охридскиот рамковен договор.
За опозицијата со вториот нацрт амандман се бришат најважните државотворни документи за македонскиот народ и се урива правно државниот континуитет на историјата на државата. Власта, пак останува на ставот дека предлогот е добар и прифатлив и оти со него се апсолвираат сите девет одлуки од АСНОМ.
Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Власта со еден амандман одлучи да ги избрише деветте историски одлуки на АСНОМ како конститутивни акти во процесот на создавање на Република Македонија.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред членовите на собраниската комисија истакна оти е мошне важно за вакви прашања коишти се од највисок интерес за државата да постои отвореност и подготвеност за дијалог за работите да бидат изработени на најдобар можен начин.
Пратеникот од ГРОМ Панчо Минов предложи во Преамбулата да се вметне и референца со која што ќе се спомене Уставот од 1991 година.
На денешната седница беше отворена и расправата за третиот нацрт амандман со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Расправата продолжува утре во 11 часот.