Со тоа што Талат Џафери во улога на претседател на Собранието на Македонија, во меѓународен настап зборувал на албански, а не на македонски јазик тој ги прекршил одредбите на Уставот и на Законот за употреба на јазиците, напиша на својот ФБ профил професорката Мирјана Најчевска.
Најчевска во објавата додава:
Според член 7 од Уставот:
“На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“
Тоа значи дека албанскиот јазик е службен само и единствено во рамките дадени во самиот член. Во членот 7 не се спомнува употреба на албанскиот јазик во меѓународни односи.
Според членот 1 од Законот за употреба на јазиците “На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.“
Тоа значи дека албанскиот јазик е службен само и единствено во рамките дадени во самиот закон. Во Законот за употреба на јазиците не се спомнува употреба на албанскиот јазик во меѓународни односи.
Уставниот суд и Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, односно, Владата, треба да постапат во врска со ова прекршување на Уставот и на Законот.