Огромна материјална штета е предизвикана на македонската железничка инфраструктура откако крадци демонтирале и уништиле два железнички трансформатори тешки по 27 тони во трафостаницата кај Драчево. Кражбата го парализирала железничкиот сообраќај, а според информации до кои дојде „Скопје1“, истрагата веќе го стеснува кругот на можните сторители.
Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, за „Скопје1“ вели дека целта на сторителите била да го извадат бакарот од трансформаторите, кои поради начинот на кој биле демонтирани повеќе не можат да се санираат.
„Трафоата се тешки по 27 тона. Тоа се наоѓа на отворена пруга под Драчево. Самото трафото е поместено од лежиште за пет метри. Некој успеал да премести 27 тона цели пет метри. Го размонтирале, украле сѐ што е бакар. Невозможно е да се санира“, изјави Ивановски за „Скопје1“.
Неофицијално, вредноста на уништените трансформатори надминува три милиони евра, додека првичните проценки за вкупната материјална штета достигнуваат околу пет милиони евра.
Според сознанијата на „Скопје1“, сторителите најверојатно добро ја познавале железничката инфраструктура и знаеле дека на локацијата нема напон поради реконструкцијата што била во тек. За извршување на кражбата биле користени специјализиран алат и хидраулична дигалка, а истражителите утврдуваат по кој пат механизацијата била донесена до местото.
На местото на кражбата, според информациите на „Скопје1“, биле пронајдени траги, меѓу кои и ракавици од кои се обезбедуваат ДНК-траги што треба да помогнат во идентификацијата на сторителите.
„Откриено е утринава, при редовна контрола. Малку се оние кои ја разбираат оваа струја“, додава Ивановски.
Токму тоа, според информациите од истрагата, упатува дека кражбата ја извршиле лица со специфични стручни знаења. За состојбата на теренот и фактот дека напојувањето било исклучено поради реконструкција, знаеле ограничен број лица – вработени во компанијата што снабдува со електрична енергија и вработени во „Македонски железници“.
Од трафостаницата биле украдени бакарни жици, бакарни шини, бакарни прачки и речиси целата опрема неопходна за нејзино функционирање, поради што објектот е целосно ставен надвор од употреба. Според првичните проценки, причинетата материјална штета изнесува околу пет милиони евра.