Најмалку 27 лица загинаа, а по уште 83 сè уште се трага, откако патничкиот траект „МВ Барима“ се преврте во саботата вечерта во близина на брегот на Гвајана. Од пловилото досега се спасени 69 патници, а спасувачките екипи со помош на нуркачи продолжуваат да ја пребаруваат областа каде што се случила несреќата.
Премиерот на Гвајана, Марк Филипс, изјави дека во тек е истрага за причините за трагедијата и порача дека секој што ќе биде утврден како одговорен ќе ги сноси законските последици.
Министерот за јавни работи, Хуан Едгил, соопшти дека капетанот и најмалку еден член на екипажот биле позитивни на тест за канабис. Тој нагласи дека во земјата постои нулта толеранција за употреба на алкохол или дрога на работното место и потврди дека капетанот и неколку членови на екипажот се во полициски притвор.
Според властите, првично било пријавено дека на траектот имало 133 лица, но подоцна било утврдено дека на него патувале вкупно 179 луѓе.
Една од преживеаните патнички изјави дека бродот силно се навалил откако бил погоден од голем бран, по што водата брзо навлегла во него и потонал за само неколку секунди. Таа успеала да се спаси држејќи се за пловечки предмет, но во хаосот го изгубила контактот со своето двегодишно дете.
Во спасувачката акција, покрај државните служби, учествуваат и приватни пловни објекти, како и тим од француската армија од Француска Гвајана, составен од нуркачи, лекари и технички персонал. Од 69-те спасени лица, 15 се деца. Повеќето од преживеаните се здобиле со полесни повреди, додека тројца остануваат на болничко лекување.