Мата Хари, танчарка и стриптизета пред која машкиот свет паѓал на колена, била погубена во Франција во 1917 година поради велепредавство. Родена е пред 150 години и се смета за најпознатата шпионка на сите времиња.
Кога Мата Хари за првпат се појавила во центарот на вниманието во Париз во 1905 година, високото општество било опседнато со младата жена.
„Таа танцуваше обвиткана со превези и во градници украсени со скапоцени камења, и тоа беше речиси сè. Никој пред неа не се осмелил во таков занес, отфрлајќи ги превезите, да застане пред боговите. А какви прекрасни движења, смели и истовремено целомудрени“, пишувал парискиот печат.
Како и новинарите, и публиката била убедена дека присуствува на егзотичен настап на храмска танчарка.
Мата Хари го искористила фактот што Париз во тоа време бил опседнат со егзотиката и измислила цела животна приказна – тврдела дека е ќерка на угледен браман, припадник на највисоката каста во Индија.
„Мајка ми, првата танчарка во храмот Ранда Свани, почина на четиринаесет години, истата година кога јас се родив. Откако свештениците во храмот ја кремираа, ме посвоија и ми го дадоа името Мата Хари.“
Лажела дека уште од мала ги учела светите храмски танци, а за време на настапите симнувала превез по превез. Подоцна ќе признае:
„Никогаш не бев добра танчарка. Тоа што луѓето доаѓаа да ме гледаат го должам единствено на фактот што прва имав храброст во јавноста да се појавам гола.“
Ќерка на холандски шапкар
Во салоните се натпреварувале кој ќе ја придобие Мата Хари. Никој не знаел дека таа всушност се вика Маргарета Гертруда Зеле, дека потекнува од холандското гратче Леуварден и дека на 7 август 1876 година е родена како ќерка на поранешен шапкар.
Нејзиниот татко, кој се збогатил со берзански шпекулации, ја опсипувал со подароци. За шестиот роденден дури добила и кочија што ја влечеле кози. Одела во училиште за богаташи, учела германски, англиски и француски – како и танц.
Но, кога имала 13 години, безгрижниот живот завршил. Татко ѝ банкротирал, родителите се развеле, а две години подоцна ѝ починала мајката. Девојчето оттогаш живеело кај роднини и се школувало за воспитувачка.
Госпоѓа Меклауд
Според нејзините сопствени зборови, уште од младоста била склона кон мажи во униформа:
„Во моите очи офицерот беше возвишено суштество, херој кој секогаш е подготвен да се соочи со секоја опасност и да се впушти во нова авантура.“
Како 18-годишна девојка, еден ден во весник видела оглас: „Офицер од Холандска Источна Индија, моментално на одмор во татковината, бара познанство со пријатна девојка за брак. Имотната состојба не е важна.“
Маргарета и дваесетина години постариот офицер Џон Рудолф Меклауд, холандски благородник со шкотско потекло, набргу станале пар.
Имала 21 година кога со сопругот заминала во холандската колонија, на островот Јава. Таму извесно време ја проучувала локалната традиција и култура и дебитирала како танчарка. Тогаш за првпат го употребила името Мата Хари, што на малајски значи „око на денот“ или Сонце.
Меѓутоа, се покажало дека сопругот е алкохоличар, расипник и развратник: семејството со две деца морало да се лекува од сифилис кој тој го добил по пат. Двегодишниот син починал од труење, веројатно од живата која тогаш се користела за лекување на оваа болест.
Подоцна, во 1919 година, и нивната ќерка починала на само 21 година, исто така најверојатно од последици од вроден сифилис.
Кога Меклаудови во 1902 година се вратиле во Европа, офицерот поради скандал бил деградиран, а нивниот брак се распаднал. Старателството над ќерката првично ѝ било доделено на Маргарета, но таа немала никакви приходи, а таткото одбил да плаќа алиментација.
Еднаш, кога петгодишната ќерка била во посета кај таткото, тој ја задржал и повеќе не ѝ дозволил да се врати кај мајка си. Маргарета, без можност по правен пат да се бори за детето, го прифатила тоа, бидејќи верувала дека нејзиниот лош сопруг, всушност, бил добар татко.
Години на слава и луксуз
Маргарета била без приходи и првично се снаоѓала со помош од пријатели. Потоа во Париз работела како модел за сликари, се обидела да настапува во циркус, а потоа го создала уметничкиот лик на егзотичната Мата Хари.
Од 1905 година настапувала во најотмените сали, од Виена и Монте Карло, преку Берлин, до Милано, и престојувала во најскапите хотели. Танцувала на салонските вечери на баронот Ротшилд, како и пред германскиот цар Вилхелм II и неговото семејство.
Тоа ѝ ги отворило вратите на највисоките општествени кругови. Била во врски со дипломати и високи воени функционери, кои великодушно плаќале за нејзиното друштво.
Но, по пет-шест години, ѕвездата на Мата Хари почнала да бледнее. Помладите танчарки го копирале нејзиниот настап, париската публика желна за сензации барала нови идоли. Последниот јавен настап Мата Хари го имала во 1912 година, на 36-годишна возраст.
Двојна шпионка?
Кога во 1914 година избувнала Првата светска војна, Мата Хари повеќе не можела да го финансира својот луксузен начин на живот.
Затоа не ја одбила понудата на германскиот конзул во Холандија да ѝ помогне да ги отплати долговите. Тој ѝ понудил уште повеќе пари доколку стапи во контакт со важни луѓе од непријателската страна и на Германците им проследува информации. Како почетен хонорар ѝ биле ветени 20.000 франци, што тогаш била огромна сума, споредлива со околу 100.000 евра денес.
Така Мата Хари станала германска шпионка Х 21. Кога и француската разузнавачка служба ја регрутирала и исто така ѝ понудила значителна сума пари, Мата Хари станала двојна шпионка.
Меѓутоа, Французите ја ангажирале првенствено за да ја разоткријат како германска шпионка. Во исто време, и британската разузнавачка служба внимателно ги следела нејзините бројни патувања низ Европа и станала сомнителна.
Смрт пред стрелачки вод
Мата Хари била уапсена на 13 февруари 1917 година во хотел на Eлисејските полиња. Била обвинета дека е одговорна за смртта на 50.000 француски војници, за велепредавство. На 41-годишна возраст била погубена на 15 октомври 1917 година во близина на Париз. До самиот крај негирала дека се занимавала со шпионажа.
Француската војска дури во 2017 година, точно еден век по погубувањето на Мата Хари, ја симнала ознаката за тајност од нејзиното судско досие од 1.275 страници. Документите потврдуваат дека Мата Хари на Германците им пренесувала само трачеви за приватниот живот на офицери и политичари во Париз. На тоа укажуваат и архивските документи на британската разузнавачка служба.
Тие документи го потврдуваат она во што историчарите долго се сомневале: за Франција 1917 година била критична година – војската трпела огромни загуби, моралот на фронтот бил скршен. На воените власти им бил потребен жртвен јарец, а ексцентричната странка која слободно ги преминувала границите била совршена за тоа.
Маргарета Зеле, односно Мата Хари, била ненадминлива во создавањето на сопствениот мит, сè до последниот здив.
Според сведоштвата на очевидците, пред дванаесетчлениот стрелачки вод излегла со крената глава, одбила да ѝ ги врзат очите, а на војниците дури им испратила бакнеж.
Последните зборови му ги упатила на командантот на стрелачкиот вод:
„Ви благодарам, господине!“