Истото обвинителство, со нов обвинител за организиран криминал и корупција кој може да е и професор, е одговорот на ВМРО-ДПМНЕ до владиниот тим за предлогот за законот за Јавно обвинителство. Опозицијата смета дека треба само да се смени обвинителката Вилма Русковска и понуди четири сценарија за избор на новиот обвинител и во сите понуди ВМРО-ДПМНЕ го има последниот збор за изборот.
Пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим, вчера рече дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство. Според него, самото превземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога.
-Во однос на самиот избор предлагаме методологија која што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага од оние кои што ќе конкурираат за тоа обвинителство една личност, доколку тој предлог не помине се повторува постапката уште еднаш, доколку теоретски и тој предлог не помине тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители, доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција, истакна Милошоски.
Опозицијата смета дека за изборот за обвинител освен од обвинителската фела би можеле да бидат номинирани компетенти лица и од академската сфера кои што имаат соодветно искуство во кривично-правната материја, односно професори.
Премерот Зоран Заев вчера рече дека не е запознаен со предлогот но нагласи дека секој предлог е вреден за внимание, како и тоа дека не треба да се дозволат ситуации каде политичарите и партиите ќе менуваат обвинители кога ќе им текне и да се договараат за нешто што е недозволиво.