Протестите пред албанскиот Парламент на жителите од населбата „Астир“ во Тирана, чии домови треба да бидат урнати заради изградбата на нова обиколница, ескалираа кога учесниците на протестот се обидоа насилно да влезат во законодавниот дом, каде се дебатира за ова прашање. Со употреба на тврди предмети и протехнички средства повредени се 12 полициски службеници. „Демонстрантите со фрлање тврди предмети и пиротехника повредија 12 полицајци кои се префрлени во болница. Еден од нив е потешко повреден. Апелираме до учесниците во протестот и политичките партии кои учествуваат во истиот да се дистанцираат од насилство и да ја остават полицијата да ја врши својата задача“, се наведува во соопштението на полицијата.
На жителите од споменатата населба, кои повеќе денови мирно протестираат денеска им се придружија и пратеници и членови на опозициските партии. Во населбата има над 330 објекти, добар дел од нив, според надлежните, дивоградби. За оние кои се легализирани, Владата вети обештетување, додека за сопствениците на нелегализирани објекти, подмирување на станарина за изнајмен стан во период од три години, но тие не се согласуваат.