Наставата да започне да се изведува онлајн, а родителите на децата од прво до трето одделение ќе имаат право на избор, дали да ги пуштат на училиште со физико присуство, или и тие да ги следат часовите од дома, Ова беше кажано на прес-конференцијата на министрите за здравство и за образование и наука Венко Филипче и Арбер Адеми.
„Образовниот процес е од неспорно значење, но не смееме да го занемариме здравствениот аспект и можноста за трансмисија на вирусот во училиштата. Неколку пати кажавме дека се’ може да се надомести, освен здравјето. Гледано од тој аспект, имајќи ги предвид и искуствата од други земји, нашата препорака од Комисијата за заразни болести е училиштата да започнат онлајн“, рече Филипче.
Вториот исклучок, додаде министерот ќе дојде по барање на општините. Односно таму кадешто во школите или регионалните училишта има мал број на деца во одделенијата, или мал број класови во училишата, согласно епидемиолошката состојба, да добијат дозвола наставата да ја реализираат со физичко присуство. Тоа барање ќе оди преку МОН и Влада.
Ако некое дете од одделението има температура, Филипче рече дека ќе му се направи епидемиолошка анкета, па епидемиолог ќе го процени ризикот кај тоа дете. Зависно од бројот на новодијагностицирани случаи и епидемиолошка поврзаност во некоја општина, рече дека ќе се прави план за одредени рестрикции, меѓу кои и затворање на училишта. Во однос на отворање градинки, Филипче за четврток најави дефинитивна одлука.
Според министерот Адеми, планот каде се инкорпорирани моделите и протоколите за организирање на наставата ќе бидат разгледани од Владата, а потоа доставени како финална верзија до општините.
„Профункцинира националната платформа Едуино.гов.мк, каде и овој период се снимаат видео лекции од активни наставници и таму се прикачуваат. Во периодот што следи ќе има теми и материјали во согласност со наставната програма, која треба да се обработи во првото тромесечје, или полугодие од новата учебна година. Укажуваме дека може да дојде до одлагање на потокот на новата учебна година“, потенцираше Адеми.