Екстремните горештини поврзани со актуелниот феномен „Ел Нињо“ би можеле да предизвикаат повеќе од 450.000 дополнителни смртни случаи во следните шест месеци, според проценките на климатски научници. Проекцијата се однесува на периодот од септември 2026 до февруари 2027 година и не ги вклучува предвремените смртни случаи што веќе се поврзуваат со зголемувањето на температурите поради климатските промени.
Последиците од екстремните температури се очекува да се почувствуваат во различни делови од светот, особено во тропските земји. Меѓу најпогодените се наведуваат Нигерија, Индонезија, Судан, Индија и Бразил, додека САД се наоѓаат меѓу 20-те најзагрозени земји, со проценети околу 3.500 дополнителни смртни случаи.
Научниците предупредуваат дека Ел Нињо може да донесе и суши, шумски пожари и поплави. Дополнително, феноменот би можел да влијае врз производството на храна и да придонесе за раст на цените.
Актуелниот Ел Нињо во понеделникот ги надминал досега највисоките забележани температури за овој феномен, и тоа неколку месеци пред очекуваниот врв. Научниците го опишале интензитетот како исклучително висок, а неговите последици дополнително може да бидат засилени од глобалното затоплување.
Проценките за смртноста се направени на регионално ниво, со користење податоци од 24.378 региони низ светот. Истражувачите го анализирале односот меѓу месечните температури и дополнителната смртност, а податоците ги комбинирале со прогнозите за повисоки температури предизвикани од Ел Нињо.
Како основа бил земен просечниот број смртни случаи поврзани со горештините во периодот од 1996 до 2025 година. Според истражувачите, зголемената смртност предизвикана од високите температури би можела да продолжи и по февруари 2027 година, сè до јуни или јули.
Научниците посочуваат дека навремените мерки би можеле да помогнат во намалувањето на последиците. Меѓу нив се подоброто прогнозирање на топлотните бранови, отворањето центри за разладување, зголемувањето на бројот на медицинскиот персонал во најтоплите периоди и подобрата заштита на работниците што работат на отворено.
Професорот Мајкл Гринстоун од Универзитетот во Чикаго, еден од авторите на извештајот, оценува дека бројката од 451.000 дополнителни смртни случаи може да изгледа апстрактно, но зад неа стојат луѓе и цели семејства.
Извештајот допрва треба да биде доставен во научно списание за рецензија. Авторите, сепак, сметаат дека поради итноста на ситуацијата е важно проценките да бидат објавени навреме.
Научниците го опишуваат актуелниот Ел Нињо и како предупредување за иднината, бидејќи носи температури што, според претходните проекции, се очекувале дури за околу две децении.
Покрај влијанието врз здравјето, се очекуваат последици и врз земјоделството и снабдувањето со храна. Светската програма за храна предупреди дека последиците од Ел Нињо би можеле да доведат до акутна глад за околу 50 милиони луѓе и да предизвикаат зголемување на цените на храната.
Според научниците, Ел Нињо е природен климатски феномен што се појавува и исчезнува, но глобалното затоплување создава сè потопла основа врз која се одвива, што може дополнително да ги засили неговите последици врз здравјето, безбедноста на храната и снабдувањето со вода.