Нови резултати од клиничко испитување покажуваат дека еднократна доза на експериментален лек може значително да го намали нивото на „лошиот“ холестерол, а ефектот продолжил и една година по третманот.
Испитувањето го предводел тим од Координативниот центар за клинички истражувања при Клиниката Кливленд, а во него учествувале 15 лица со сериозни здравствени проблеми поврзани со холестеролот или триглицеридите.
На учесниците им била дадена интравенска инфузија со наночестички што го испорачувале експерименталниот лек CTX310. Кај учесниците било забележано значително намалување на нивото на холестеролот и триглицеридите, а резултатите биле следени во период од 12 месеци.
Кај еден од учесниците настапила смрт 179 дена по третманот, но истражувачите заклучиле дека таа не била поврзана со испитуваниот лек.
Кај преостанатите 14 учесници, намалените нивоа на холестерол и триглицериди се задржале. Особено изразен ефект бил забележан кај четворицата учесници кои ја примиле највисоката доза, кај кои холестеролот во просек бил намален за 78,6 проценти.
Истражувачите нагласуваат дека станува збор за рана фаза на испитување со многу мал број учесници, поради што резултатите сè уште не можат да се сметаат за доказ дека третманот е ефикасен и безбеден за пошироката популација.
Сепак, првичните наоди се оценети како охрабрувачки и отвораат можност за развој на поинаков пристап во третманот на нарушувањата на мастите во крвта.
„Кај пациентите со нарушувања на липидите, потенцијалот на еднократен третман кој предизвикува мутација со губење на функцијата во хепатоцитите претставува единствена терапевтска можност“, заклучиле истражувачите.