На денешната прес-конференција, членот на Централното претседателство на ДУИ, Фатон Алити, оцени дека назначувањето на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа претставува политички сигнал за, како што рече, ревизија на Охридскиот рамковен договор.
Алити истакна дека преместувањето на Стоилковиќ не е обична кадровска промена, туку, според него, најава за отворање на прашањето за децентрализацијата и територијалната поделба од 2004 година.
Тој обвини дека во изминатиот период биле преземени чекори кои, според ДУИ, го ослабуваат спроведувањето на Охридскиот договор, наведувајќи ги албанскиот јазик, укинувањето на балансерот и правичната и соодветната застапеност.
„Кога денес се зборува за намалување на бројот на општините од 80 на 50, не станува збор за административна рационализација, туку за повторно отворање на прашање кое беше затворено со мировен договор“, рече Алити.
Од ДУИ порачаа дека територијалната поделба од 2004 година е дел од Охридскиот рамковен договор и дека секој обид за нејзино менување ќе наиде на, како што наведоа, силен политички, институционален и граѓански отпор.
Алити ја повика Владата да не отвора прашања поврзани со територијалната организација, туку да се фокусира на зајакнување на локалната самоуправа, фискалната децентрализација и борбата против корупцијата. Според него, Охридскиот рамковен договор, албанскиот јазик, правичната застапеност, децентрализацијата и територијалната поделба од 2004 година претставуваат „црвени линии“ кои не смеат да бидат преминати.