Небојша Милосављевиќ, кандидат на листата на пратеници во изборна единица 2 од „Македонски Концепт“.
Небојша Милосављевиќ е дипломиран Историчар на уметност и археолог при Филозофскиот факултет во Скопје. После завршувањето на студиите, работел како новинар во МРТВ во одделот за документарна програма, од каде својата професионална кариера ја продолжува во повеќе приватни телевизиски куќи како новинар во дневна редакција.
Последните 15 години работи како графички и мулти-медиа дизајнер во маркетинг секторот на телекомуникацискиот оператор А1.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот мотив да се приклучите на МК Концепт?
Небојша Милосављевиќ: Едноставно, сакам да помогнам. Сакам моите деца да живеат во “нормална држава“. Сакам да останат тука, да се пронајдат себе сѝ како на личен така и на професионален план. Секако, тоа важи за сите граѓани во Македонија, а најмногу за младите поколенија кои со децении наназад се ставени на маргините од економско политичките случувања. Оваа аномалија, за жал, не е својствена само за Македонија, туку важи за целиот регион. Веројатно произлегува од фактот што сите претходни влади го правеа истото – носеа лоши или половични одлуки, a додека оние одлуки кои беа добри, беа и анулирани од аматеризмот во нивната примена и начинот на водењето на Државата.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Небојша Милосављевиќ: Како млад, бев член на Демократската партија, а подоцна и член на Демократската партија на Србите во Македонија.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Небојша Милосављевиќ: Јас општественото уредување го гледам како триаголник. На врвот на триаголникот е економијата, потоа следи културата и образованието, и на крај е политиката. Економијата е моторот кој секоја држава, ја води во благосостојба и го финансира образованието, кое ги школува и развива нашите кадри. На тоа се надградува културата преку која Државата ја препознаваат во светот. Политиката ја гледам како слуга и на економијата, образованието и културата, и единствено како сервис неопходен за носење логични закони, регулативи и стратегии, со цел овие гранки да можат правилно и стратешки да се развиваат. Овој триаголник, постои во државите на Западот кон кои ние се стремиме, секако кај некои повеќе кај некои помалку. Потребно е тие искуства да се искористат и да се прилагодат кон нашата средина, а не преку директно пресликување, туку низ призма на адаптација на најдобрите примери и модификација и прилагодливост кон локалните навики, традиции и принципи.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Небојша Милосављевиќ: Првенствено и пред сѐ, потребно е да се воспостави владеење на правото и законот за сите граѓани подеднакво. Да се воспостави нормален политички дијалог помеѓу сите политички субјекти, а не политички клиентелизам и реалити шоуа во кои политичките субјекти ќе се натпреваруваат во тоа кој повеќе валканици ќе пронајде за противникот, кој за жал не го гледаат како противник со кој можат да се борат преку дебати и идеи, туку како непријател кој сакаат да го уништат целосно. Да се воспостави државна стратегија за базичните прашања кои се темел на секоја Држава! Да се носат стратешки одлуки од кои можеби веднаш нема да видиме плод, одлуки кои ќе ја вообличат иднината на Македонија како стабилна и демократска Држава, каде секој ќе може да се пронајде себе си и да се бори за подобра иднина.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Небојша Милосављевиќ: Идејата за просперитетна држава базирана на логични одлуки засновани на наука, а не на демагогија. Сржта на МК концепт се младите кои се премногу заситени од фактот дека се оставени на маргините на општеството, а кои се школувани и кои можат да се искажат преку идеи и проекти. Токму на база на овој принцип, се темели енергијата која е двигател на Македонски Концепт. Лично се надевам дека енергијата која токму овие млади ја имаат во синергија со искуството на нас постарите, ја прават добитната комбинација на Македонски Концепт.
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Небојша Милосављевиќ: Преку дебати и борби на мислења да се дојде до вистинското решение. Во политичкиот живот е најважно да се ислушаат сите страни и преку дебати и политичка борба да стигнеме до најдобро решение за одредена проблематика, нормално секој во својот домен на делување. Моето делување ќе биде насочено кон културата, која секогаш била предмет на политички игри и интриги, затоа што преку неа најлесно се манипулирало. Ние сме дел од Европа и така треба да се однесуваме – европски!
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Небојша Милосављевиќ: За да се креираат проекти, неопходно е да се генерираат идеи. Сѐ започнува од идеја која потоа треба да се вообличи во проект. Вистинската идеја може да воздигне, меѓутоа може и да уништи доколку е популистичка или доколку не се вообличи како што треба. Пред еден век, постоела идеја за автономна Македонија која пак идеја се вообличи во проект при крај на милениумот. Мој проект е “Швајцарија на Балканите“, идеја за која многу наши предци го дале својот живот, идеја која во тоа време била забранет проект.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Небојша Милосављевиќ: Држава која е конечно излезена од калта на корупцијата и ниските политички интриги. Држава која доколку појдете во некоја институција и побарате помош или совет, нема да се плашите од економски или политички реперкусии. Држава која ќе соработува со сите соседи и која ќе преставува пример за единство и добрососедство, поставена на здрав темел и реципрочни меѓусебни односи.
фото: „Македонски Концепт“