Адвокатот Јовица Страшевски реагира на актуелната нафтена криза во земјава.
Тој поставува прашање како е можно речиси сите бензински станици во исто време да останат без гориво и дали станува збор за реален недостиг или за координирана манипулација на пазарот.
„Граѓаните со право бараат одговори од Владата за актуелната нафтена криза. Како е можно речиси сите бензински станици во исто време да останат без гориво? Дали станува збор за реален недостиг или за координирана манипулација на пазарот и масовна пљачка на народот?“, прашува Страшевски.
Тој бара итно да се испрати инспекциски служби и да изврши контроли во сите нафтени компании, нагласувајќи дека ситуацијата создава сериозни сомнежи кај јавноста.
„Недозволиво е денес да нема гориво, а утре истото да се појави по повисоки цени. Тоа создава сериозен сомнеж дека станува збор за класична пљачка врз грбот на граѓаните“, наведува тој.
Страшевски поставува и директно прашање до институциите – дали ваквата состојба се случува со или без знаење и одобрување од Владата.
Тој потенцира дека граѓаните не смеат да бидат жртви на евентуални договори и профитерство, повикувајќи на итна реакција, целосна транспарентност и одговорност од надлежните институции.