Ламинатот е едно од најпопуларните решенија за подови бидејќи е поевтин од дрвениот паркет и има заштитен слој што е отпорен на гребнатини и дамки. Сепак, со текот на времето на неговата површина може да се појават оштетувања кои го нарушуваат изгледот на просторот. Добрата вест е дека во многу случаи не е потребна целосна замена на подот.
За разлика од дрвените подови, ламинатот не може да се шмиргла и повторно да се обновува, па затоа и најмалите гребнатини можат лесно да се забележат. Сепак, со правилно чистење и полирање може значително да се намали нивната видливост, додека подлабоките оштетувања може да се поправат со специјални средства.
Експертите препорачуваат најпрво темелно да го исчистите подот со правосмукалка за да ја отстраните прашината и нечистотијата што се насобрала во гребнатините. Потоа, оштетеното место нежно исполирајте го со сува, мека крпа.
Кај површинските гребнатини може да помогне и обична бела гума за бришење, која не остава траги. Со нежно триење, често успева да ги отстрани ситните линии и да ја врати мазноста на површината.
По полирањето, употребете средство наменето за чистење на ламинатни подови. Тоа ќе помогне подот повторно да добие сјај и дополнително ќе ги прикрие плитките гребнатини.
Ако гребнатините се подлабоки и оставаат светли линии, може да се искористи коректор или маркер за дрво во соодветна нијанса. За поголеми оштетувања и вдлабнатини најдобро решение се восочни или специјални маси за пополнување, кои ја враќаат рамната површина и го продолжуваат векот на ламинатот.
Со редовно одржување и навремено санирање на оштетувањата, ламинатниот под може долго да го задржи својот уреден изглед без потреба од негова замена.