Делови од Скопје попладнево ги зафати силно невреме проследено со грмежи, дожд и засилен ветер. На одредени локации веќе врне интензивно, а жителите сведочат на краткотрајни, но силни удари на ветер и силни електрични празнења.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) велат дека до крајот на денот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд (над 15 l/m²) и услови за појава на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Во текот на ноќта, како што додаваат, ќе има услови за повремен дожд.
„Во Скопје до крајот на денот ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град,“ информираат од УХМР.
Според прогнозата, утре ќе има повеќе сончеви периоди, но повторно со услови за нестабилна облачност и локални врнежи. Минималните температури ќе се движат меѓу 12 и 19, а максималните ќе достигнат од 26 до 32 степени. Во Скопје утрешниот ден ќе донесе променливо облачно време со сончеви периоди, слаб до умерен северен ветер и температури од 18 до 32 степени.
Од среда до петок се очекува стабилизација и пораст на температурите, додека за време на викендот повторно ќе има услови за локални врнежи и ретки грмежи, со пад на дневните температури.