Големото невреме кое вчера го зафати регионот предизвика сериозна штета на еден од симболите на село Бели – вековниот даб, за кој жителите велат дека е стар повеќе од 500 години.
На социјалните мрежи е објавен итен апел за помош и реакција за спас на дрвото, кое со векови стои на истото место и е дел од историјата и традицијата на селото.
„Нашиот даб, чуварот на селото Бели, дрвото кое повеќе од 500 години стои на истото место и е дел од историјата, спомените и животот на нашето село, е тешко оштетен“, се наведува во објавата.
Жителите посочуваат дека дабот не е само обично дрво, туку нем сведок на историјата на селото и наследство оставено од претходните генерации.
Според објавата, дрвото и претходно било сериозно оштетено. Пред неколку години било погодено од гром, по што било зафатено и од пожар. И покрај тоа, дабот успеал да преживее и повторно да продолжи да стои.
Сега, по вчерашното невреме, состојбата повторно е сериозна, а жителите стравуваат дека вековниот даб може да биде трајно оштетен или да го загубат.
Тие упатуваат итен апел до надлежните и сите кои можат да помогнат, со цел да се преземат мерки за негово спасување и заштита.