На претстојните локални избори, кои спикерот Гаши ги закажа за 19 октомври и втор круг за градоначалници за 2 ноември, ќе може да учествуваат и независни кандидати.
Ова произлегува од изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.
Тој го цитираше членот 60 од Изборниот законик, според кој ДИК нема право никому да му го ускрати уставно загарантираното право да учествува на избори, да бира и да биде биран.
Според првиот човек на ДИК, членот 60 од Изборниот законик јасно гарантира право на учество на изборите како за политички партии и коалиции, така и за групи избирачи, односно и за независни кандидати.На седницата на ДИК, веднаш по распишување на изборите, беше укинат Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.
Како што објасни Кондарко, укинувањето е во согласност со одлуката на Уставниот суд, кој ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик што се однесуваа на зголемување на квотите за потребните граѓански потписи што независните кандидати за градоначалници и за листи за советници требаа да ги соберат за да се пријават на избори.
Кондарко нагласи дека ова не претставува одлука на ДИК, туку директна примена на законската регулатива, која ја следи одлуката на Уставниот суд за укинување на овие членови од Изборниот законик поврзани со бројот и процентот на потребни потписи за кандидатура.