И по речиси две и пол години откако Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Обвинителството за спорниот детален урбанистички план за потегот кај „Холидеј Ин“, со којашто побара покренување кривична постапка против поранешни градоначалници на Центар, вработени во Општината, во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски, како и против планерите, нема најава дека некој ќе одговара за огрешување пред Законот, пишува Самопрашај.мк.
И по толку време, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сѐ уште собира докази за предметот, за којшто првата антикорупционерка, Билјана Ивановска јавно се посомнева оти намерно се одолговлекува. Обвинителството се правда дека материјалот е обемен.
„Проверките и обезбедувањето на доказите што ги прави Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во овој прдмет се во финална фаза, по што ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката. За одлуката јавноста ќе биде веднаш известена, заедно со образложение на преземените дејствија и испитаните околности. Времето потребно за испитување на еден предмет најмногу зависи од обемноста на доказниот материјал што треба да биде обезбеден и времетраењето потребно за неопходните вештачења“, велат од Јавното обвинителство.
Додека Обвинителството ја уверува јавноста дека по две и пол години проверките стигнале до финална фаза, на терен забрзано се гради. Првата кула веќе се издига нагоре, а издадена е дозвола и за втората. Инвестирот досега не побарал дозвола за третата кула. Според планот, трите кули треба да бидат со висина од 22, 20 и 16 ката и да донесат нови 1.200 жители во срцето на градот.
„Општина Центар досега има издадено правосилни Одобренија за градење за три фази од планираната градба на градежна парцела 1.1. Во проектите, како дел од документацијата која претходела на издавањето на трите Одобренија за градење се опфатени две кули (станбена и деловна). Третата кула е дел од останатите две фази за кои не е поднесена документација до Општина Центар “, велат од Општина Центар.