Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на прес конференција истакна дека според првичните резултати што ги има партијата, тие имаат сигурна победа со огромно водство.
Тој рече дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера.
„Набргу ги очекуваме првите резултати од избирачките места. Со право очекуваме вечерва резултатите да ги потврдат многуте анкети и расположението на граѓаните за што бевме сведоци во текот на кампањата во целата земја. Очекуваме сигурна победа за СДСМ и чист мандат за коалицијата ‘Можеме’. Уште еднаш во оваа пригода им благодарам на граѓаните и институциите бидејќи целиот изборен процес мина во најдобар ред. Очекувам дека и другите политички субјекти ќе им честитаат на институциите и на државата за успешно спроведениот демократски, европски, изборен процес. Првичните резултати кои стигнат до мене од избирачките места покажуваат огромно водство на СДСМ и коалицијата ‘Можеме’“, рече Николовски.
Тој им се заблагодари на сите граѓани кои со гласањето придонеле кон изборниот процес.
„Денеска, имавме мирен, достоинствен и здравствено безбеден изборен ден, како што ѝ прилега на слободна, демократска, европска држава. Им благодарам на сите граѓани што излегоа да гласаат почитувајќи ги мерките за заштита од коронавирусот и го дадоа својот придонес кон развојот на нашето демократско општество. Чинот на гласање е наш влог во демократскиот прогрес и напредок. Сведоци сме на демократски изборен процес. Во овие вонредни околности уште еднаш потврдуваме дека нашите институции може да се справат со сите предизвици, да обезбедат слободен, фер и демократски изборен процес“, додаде Николовски.