Со поместување на стрелките на часовникот ноќеска завршува зимското сметање на времето и почнува летното сметање на времето.
Одлуката ја донесе Владата на Република Северна Македонија на 124-тата седница според која летното сметање на времето во 2019 година започнува на 31 март во 02h 00min 00s со поместување за еден час нанапред времето во 02h 00 min 00 s се смета како 03h 00min 00s.
Летното сметање на времето во 2019 година завршува на 27 октомври во 03h 00min 00s, така што со поместување за еден час наназад времето во 03h 00min 00s се смета како 02h 00 min 00 s.
Преминувањето на времето од зимско кон летно и обратно првпат почнало во 1916 та година во државите на северот во Европа, а денес е практика во 70 земји од Светот. Европските земји сега се подготвуваат за конечно укинување на оваа практика од следната година.
Со 384 гласа „за“ пратениците во Европскиот парламент изгласаа укинување на летното и зимско сметање на времето, додека против укинување гласаа 154 европски пратеници.
Барањето за укинување на поместувањето на стрелките на часовниците го покрена Европската комисија во Унијата поради повеќе докази за негативно влијание од праксата. Освен негативно влијание врз човековиот биоритам, ваквата пракса доведува и до зголемен број сообраќајни несреќи, но и пад на продуктивноста на работното место.
Летното и зимското сметање претходно е укинато во Русија, Турција, Белорусија и Исланд.