Нов инцидент е регистриран утрово во Оманскиот Залив, на речиси истата локација каде што ден претходно американската војска нападна трговски брод, соопшти британската агенција за поморска безбедност УКМТО.
Според официјалното предупредување, на еден танкер избувнал пожар во машинскиот простор додека пловел на околу 21 наутичка милја североисточно од пристанишниот град Сохар во Оман.
„Локалните власти информираа дека избувнал пожар во машинскиот простор на танкерот. Засега нема пријавени штетни последици врз животната средина, а надлежните служби продолжуваат со истрагата. На сите бродови што се движат низ ова подрачје им се препорачува максимална претпазливост и веднаш да пријават какви било сомнителни активности“, соопшти УКМТО.
По инцидентот реагираше и Амбасадата на Индија во Оман, потврдувајќи дека е запознаена со случувањата.
„Дознавме за инцидентот во кој е вклучен брод во близина на оманското пристаниште Шинас. Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во координација со локалните власти за да добиеме дополнителни информации“, наведоа од индиската амбасада преку социјалната мрежа Икс.
Новиот пожар се случува само еден ден откако тројца индиски морнари загинаа при американски воздушен напад врз танкерот „М/Т Сетебело“, кој пловеше под знамето на Палау.
Индискиот министер за поморство Сарбананда Соновал претходно ја потврди смртта на тројцата индиски државјани, додека останатите 21 член на екипажот беа спасени.
Според американската војска, нападот бил извршен откако танкерот, кој превезувал иранска нафта, се обидел да ја пробие американската поморска блокада на иранските пристаништа. Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека борбен авион испукал прецизно наведувана муниција директно кон машинскиот простор на бродот, откако претходно биле издадени предупредувања до екипажот.
„М/Т Сетебело“ беше осмиот трговски брод што американските сили го оневозможија во водите околу Иран од почетокот на поморската блокада.