Барања за промени на цените од 1 јануари во Регулаторна комисија за енергетика досега поднеле АД МЕПСО за пренос на струја, Електродистрибуција за дистрибуција на електричната енергија и ЕВН Хоме за универзално снабдување, а ако РКЕ ги прифати сите нивни барања, цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе се зголеми за четири проценти или за 4,72% ако се вкалкулира и враќањето на ддв-то од пет на десет отсто.
– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека уште од сега може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.
– На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има таму голем број на елементи коишто влијаат на крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, понатаму фактор на корекција коишто го имаат трите компании и исто така има и други елементи како што се пренесени трошоци, така што сите овие елементи овие денови ги анализираме и во текот на оваа недела врз основа на тие анализи ќе ги донесеме конечните одлуки, рече Бислимоски.