Околу 10.800 ученици кои годинава се запишале во прва година во средните стручни училишта се првата генерација што ќе учи според модернизирани наставни програми со СТЕМ-компетенции, вклучувајќи зелени и дигитални вештини во сите струки, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија.
Реформата е поддржана со обука на 569 наставници, нови ресурси за учење и засилена соработка со приватниот сектор. Целта е младите да стекнат знаења и вештини што ќе им овозможат да применуваат одржливи практики на идните работни места и полесно да одговорат на промените предизвикани од технолошкиот развој и зелената транзиција.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оцени дека стручното образование станува сè попривлечно за младите, а модернизацијата треба да им помогне да се подготват за пазар на труд кој брзо се менува и истовремено да им обезбеди на компаниите кадар со вештини потребни за раст, иновации и конкурентност.
Од УНИЦЕФ посочуваат дека зелената транзиција ги менува работните места во речиси сите сектори. Така, учениците од економските струки ќе се запознаваат со зелени бизнис-модели и одржливи иновации, додека оние од угостителско-туристичките струки ќе учат за намалување на отпадот од храна и примена на одржливи практики.
Реформата треба да помогне и во надминување на јазот меѓу еколошката свест на младите и нивните знаења и вештини поврзани со животната средина.
Реформата ја предводат Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование, со техничка поддршка од УНИЦЕФ и финансиска поддршка од Владата на Шведска и компанијата „Нелт“.
Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, истакна дека вклучувањето зелени и дигитални компетенции во стручното образование е важно за младите да бидат подготвени за економските и климатските промени.
Новите програми, покрај техничкото знаење, предвидуваат развивање и на вештини за решавање проблеми, иновации и приспособливост, со што, според УНИЦЕФ, се придонесува кон целите на Стратегијата за образование 2026–2032 и Реформската агенда 2024–2027.