Закон за периодична и континуирана проверка на полицајците – гласи законското решение во Албанија пред кое замолчаа 500 полицајци и се повлекоа од службата, откако државата најави дека ќе го спроведе законот, за потоа овој процес, заедно со проверката (ветингот) на судиите и јавните обвинители, да го искористи како еден од клучните аргументи во приликата за старт на преговори со Европската Унија, како знак дека Тирана започнала борба против корупцијата преку чистење на институционалните редови. Албанија го спроведува процесот од 2015 -та и има потрошено од 15 до 20 милиони евра и се очекува тој да заврши во 2024-та. И десетици судии и обвинители, покрај полицајците, самоиницијативно се повлекоа со што се создаде перцепција дека голем број службеници во Албанија, кои требале да се борат против криминалот, биле корумпирани или биле дел од криминална структура, објави НоваТВ.мк
Колку Северна Македонија знае и може да спроведе операција за проверка на имотот и парите на полицајците, судиите и обвинителите? Може ли да се потрошат милиони евра на оваа постапка? И конечно, дали ветингот ќе обезбеди независни, професионални и некорумпирани полициски и судско- обвинителски службеници, и дали е неопходно тој да се спроведе во сите три сегменти, оти ако само полицијата се прочисти, залудни ќе бидат обидите за владеење на правото и остварување на правдата.
За ветингот се зборува – дали државата има храброст да го спроведе
Ако се погледне ситуацијата во полицијата, судството и обвинителството нема многу да се згреши ако се прогнозира дека проверката на имотот и парите е насушна потреба, за еднаш конечно да се елиминираат нечесните и подмитливи службеници. Но, реално, според објективните анализи и капацитетот на институциите ветингот во македонската полиција би започнал во 2021-та година, додека во судството и обвинителството и подоцна, со оглед дека таму се уште процесот е само во најава преку изјави за медиуми на релевантни политички фактори, како премиерот Зоран Заев, министерот ОлНоваивер Спасовски, па дури и опозиционерот Христијан Мицкоски го става на партиската агенда во предизборната кампања, пишува НоваТВ.
Во последниот период се насобраа многу скандали и пропусти во правосудството, како на пример дека поголем број судски предмети на СЈО започнуваат отпочеток, а се и по две години во судница, дека осуденици лесно ја напуштаат државата, дека ниту еден функционер на ВМРО ДПМНЕ, особено одговорните за нелегалното прислушување и за големите корупциски афери, не е во притвор, дека СЈО беше обезглавено заради корупциска афера… Сето тоа и дава право на извршната власт да започне најава за ветинг на имотот и парите на судиите и обвинителите.