Напади врз танкери во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати, пожари на неколку бродови и нови ракетни и дронски закани од Иран дополнително ја влошија безбедносната состојба во Персискиот Залив, јавуваат меѓународните медиуми, повикувајќи се на британската агенција за поморска трговија (UKMTO) и CNN.
Според извештаите, проектил погодил танкер кој се наоѓал околу седум наутички милји северно од градот Фуџејра, при што сите членови на екипажот се безбедни и не е забележано загадување на морето. Засега не е познато кој стои зад нападот.
Истовремено, пријавен е пожар на товарен брод кој пловел околу 36 наутички милји северно од Дубаи, а екипажот навел дека пожарот избувнал во машинската просторија. Сите морнари се безбедни, а причината за инцидентот останува непозната.
Во посебен случај, UKMTO извести и за трет брод кој гори околу 14 наутички милји западно од пристаништето Мина Сакр, поради што на блиските пловила им е препорачано да одржуваат безбедна дистанца. И за овој инцидент засега нема официјално објаснување.
Инцидентите се случуваат во период на зголемени тензии, откако иранскиот воен врховен командант, генерал Амир Хатами, упати закана дека Иран ќе одговори со сила доколку американските носачи на авиони се приближат кон Ормускиот теснец, стратешки важно поморско подрачје.
Иранските власти соопштија дека на ова подрачје се распоредени крстосувачки ракети и борбени дронови.
Дополнително, Обединетите Арапски Емирати објавија дека кон нивната територија биле истрелани четири проектили од правец на Иран. Три од нив биле пресретнати, додека четвртиот паднал во море. Министерството за одбрана наведе дека експлозиите што се слушале низ земјата биле резултат на активирањето на противвоздушната одбрана.
Набргу потоа беше потврден и нов бран напади со ракети и дронови, што дополнително ја зголемува загриженоста за можна нова ескалација во регионот и враќање кон поширок конфликт меѓу САД и Иран.