Пред пратениците е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, со кој се менуваат правилата за избор на директорот на Агенцијата и членовите на нејзиниот Управен одбор.
Предлогот е поднесен од група пратеници и се предлага да се носи по скратена постапка.
Како причина за измените се наведува потребата Законот да се усогласи со новиот Закон за високи раководители, особено во делот на именувањето, условите, престанокот на мандатот и разрешувањето на директорот и членовите на Управниот одбор.
Една од клучните измени е изборот на директорот. Наместо досегашниот модел со јавен оглас уреден директно во овој закон, се предлага постапката за именување да се спроведува согласно Законот за високи раководители.
Се менуваат и условите за кандидатите. Со новото решение, директор може да биде лице кое ги исполнува условите од Законот за високи раководители, но со посебен услов за работното искуство – најмалку пет години работно искуство, од кои најмалку две години раководно искуство во јавниот или приватниот сектор, односно искуство со раководење и управување со проекти од областа на правото или економијата, поврзани со работата на Агенцијата. Предвиден е и сертификат за познавање компјутерски програми за канцелариско работење.
Според важечкиот закон, пак, кандидатот досега требало да има минимум пет години работно искуство од областа на правото или економијата, без посебно наведена обврска најмалку две години од тоа искуство да биде раководно.
Со измените се усогласува и начинот на престанок и разрешување на директорот со Законот за високи раководители, а останува и дополнителната можност директорот да биде разрешен ако не достави извештај или не ги отстрани утврдените недостатоци и загуби во работењето.
Промени има и кај Управниот одбор. Членовите што ги именува Владата во иднина треба да поминуваат постапка согласно Законот за високи раководители и да ги исполнуваат условите утврдени во него.
Предлогот предвидува законот да стапи во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“, а да почне да се применува од 1 октомври 2026 година.
Со ова, и Агенцијата за управување со конфискуван имот влегува во пакетот институции кај кои се менуваат правилата за избор и разрешување на раководните лица по донесувањето на Законот за високи раководители.