Средношколците во Скопје добиваат нови и современо опремени спортски терени, со што се создаваат подобри услови за спорт и физичка активност во средните училишта.
Како што посочува Орце Ѓорѓиевски, инвестициите во спортската инфраструктура се насочени кон создавање безбедни и квалитетни услови во кои младите ќе можат активно да спортуваат, да развиваат здрави навики и исполнето да го користат слободното време.
Новите терени се изработени со висококвалитетни и издржливи полипропиленски подови, од ист тип како оние што биле користени на Летните олимписки игри во 2024 година. Со тоа, според најавата, се обезбедуваат поголема безбедност, издржливост и услови соодветни за тренинг, рекреативна игра и натпревари.
Од Градот посочуваат дека развојот на спортската инфраструктура во училиштата ќе продолжи и во наредниот период, со цел младите да имаат повеќе можности за спорт и физичка активност.
Инвестициите во спортот, како што наведува Ѓорѓиевски, се инвестиции во здравјето, развојот и иднината на младите, а новите терени треба да бидат простор каде што ќе се создаваат нови генерации спортисти и идни шампиони.