Душица Мрѓа, новинарка и уредничка во ТВ24, со лична и силна порака проговори за болката, одговорноста и достоинството на новинарската професија, повикувајќи се на мислата на легендарниот Ѕвездан Георгиевски дека „новинарството боли, но сепак е најубавата професија на светот“.
Таа оценува дека токму оваа реченица е најпрецизната дефиниција за професијата што ја слушнала, дополнувајќи дека на неа неизоставно ѝ припаѓаат уште две клучни категории – обврската и одговорноста, кои, како што посочува, сѐ почесто се забораваат.
Мрѓа го отвора прашањето за најмалку вреднуваниот сегмент од професијата – дневното новинарство. Според неа, најголемото понижување не доаѓа однадвор, туку од сопствената фела, која недоволно ја препознава тежината на теренската и студиската работа што се одвива под притисок и во екстремни околности.
Таа сведочи за известувањата од трагедијата во Кочани, каде новинарите стоеле пред болницата додека родителите дознавале дека ги загубиле своите деца, за часови непрекинати јавувања во живо, за онесвестувања од напор, за голтање солзи и враќање пред камерата по неколку голтки вода. Според неа, тоа значи да се биде професионалец кога човечноста ти се крши пред очи.
Потсетува и на известувањата од тетовската модуларна болница, автобуската несреќа во Бугарија, несреќата кај Ласкарци, вооружените судири во Диво Насеље, протестите, политичките кризи, насилствата во Собранието на 27 април, како и на настаните од 2001 година. Мрѓа нагласува дека новинарите често работеле под директна закана, со пукања во позадина, со фрлање камења и молотови коктели, со повреди и болнички интервенции.
Таа говори и за историските настани – атентатот врз првиот претседател на државата Киро Глигоров, загинувањето на претседателот Борис Трајковски, како и трагичната смрт на Тоше Проески – моменти кога новинарите биле сведоци и преносители на колективната болка на целата држава.
Во својата исповед таа не ги изоставува ниту притисоците – од политичари, обвинители, бизнисмени, судии и други центри на моќ, кои, како што наведува, неретко си дозволуваат јавни навреди и дискредитации. Според неа, тие притисоци се постојани и неизбежни во дневното новинарство.
Мрѓа потенцира дека ја почитува и вреднува истражувачката работа, која често доведува до истраги, обвиненија и пресуди, но смета дека влијанието на дневното новинарство врз општествените процеси е подеднакво значајно. Таа наведува конкретни примери на оставки, повлечени тендери и институционални реакции кои, според неа, се случиле токму поради континуираниот медиумски притисок.
Нејзината порака е дека сите новинари имаат иста цел – подобра и поправедна држава. „Дневното новинарство е темелот, истражувачкото е покривот“, порачува таа, додавајќи дека едните без другите не можат.