Новинарот Бранко Героски соопшти дека го известил директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, за закана што, според него, му била упатена преку социјалната мрежа Фејсбук и која кај него предизвикала загриженост за сопствената и за безбедноста на неговото семејство.
Геровски наведува дека заканата дошла од лице кое го именува како Илија Ико Стаменов, во коментари под неговата објава со содржина: „Само трговски центри, дата центри никако“.
Тој нагласува дека во самата објава не било споменато ниту означено конкретно лице.
„На директорот Јанев, со директни цитати и скриншотови, детално му појаснив зошто заканата содржи елемент на сериозност“, напиша Героски.
Според неговата оценка, содржината на коментарите има елементи на кривичното дело „загрозување на сигурноста“ од член 144 од Кривичниот законик. Тоа е правна квалификација што ја изнесува самиот Геровски, а за евентуалното постоење на кривично дело треба да се произнесат надлежните институции.
Новинарот вели дека на директорот на БЈБ му доставил и други јавно достапни информации за кои смета дека можат да помогнат во идентификацијата на лицето што му се заканувало.
„Од МВР, односно од полицијата, барам да постапи според законот, да ја обезбеди мојата сигурност и сигурноста на моето семејство и да изврши потребни дејствија да го пронајде заканувачот и да го документира случајот“, порача Героски.
Тој информираше и дека на објавата нема да овозможи коментирање.