На денешната официјална средба меѓу министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, на масата во Министерството било поставено и знамето на Албанија.
Според важечката законска рамка, во објектите на централните државни институции официјално се истакнува државното знаме на Република Северна Македонија. Законот не предвидува постојано или службено истакнување на знамиња на етничките заедници во министерствата, Владата, Собранието, судовите и другите државни органи.
Правото на официјално истакнување на знамињата на заедниците е ограничено на единиците на локалната самоуправа и се применува под условите утврдени со Законот за употреба на знамињата на заедниците.
Како исклучок, во државните институции може да бидат поставени знамиња на странски држави за време на официјални билатерални средби, како и знамиња на меѓународни организации, меѓу кои Европската Унија и НАТО. Законската рамка, меѓутоа, не предвидува употреба на етнички знамиња во службените простории на централните институции.