Авторот и ПР експерт, Коста Петров синоќа е избран за еден од потпретседателите на владејачката СДСМ. Тој на социјалните мрежи го цитираше Петре М. Андреевски, потенцирајќи дека се надева оти неговиот глас ќе биде гласот на младите кои ќе останат во државата.
„Некои одлуки во животот се носат брзо, за некои пак ни треба долго време да донесеме некаков став. Одлуката да прифатам да бидам дел од СДСМ како нејзин потпретседател ја донесов со намера да помогнам онаму каде мислам дека можам да придонесам со моето знаење и капацитет. За оние што долго време ме познаваат и со кои сум пријател знаат дека досега сум настрана од сите политички случувања. Но, не можеме да бидеме исклучени од тоа што се случува околу нас, едноставно мора да реагираме. Живееме во оваа држава, ја сакаме и мораме некако да ја направиме подобро место за живеење. Наместо да коментирам и да не преземам ништо се одлучив на активен пристап за да помогнам и за придонесам за подобра иднина. Таа иднина ја заслужува моето семејство, моите пријатели, сите ние. Тешка е одлуката да се приклучам во политиката, но тоа што досега немам искуство во политиката го сметам за свој адут, бидејќи точно ја знам мојата цел без никакви политички калкулации. Оваа држава мора да застане на цврсти нозе, оваа држава е пример за мултиетничко општество, пример за вредни и искрени луѓе, пример за тоа како и во најтешките моменти наоѓаме некоја искра на надеж. Како што самиот Петре М. Андреевски кажа ние сме како пиреј, како народ што не може да се уништи, ние сме народ што опстојал и ќе опстојува и ќе напредува. Верувам дека со мојот ангажман ќе придонесам младите да останат во државава, дека со мојот пример за млад претприемач и моите контакти и искуство ќе помогнам на многу млади луѓе. Верувам дека мојот глас ќе биде гласот на тие млади луѓе кои ќе останат во државата и ќе направат промени, бидејќи нашата генерација допрва доаѓа. Се надевам на поддршка и тука сум во секое време за критики, сугестии и секако свесен сум за тежината на оваа функција и знам дека нема да ве разочарам“, пишива Коста Петров.