Случајот „Онкологија“ донесе и финансиска истрага против седум лица инволвирани во случувањата на Клиниката. Ова го откри министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање на анкетната комисија.
Според него, доколку имало политички притисок врз ексминистерот за здравство, Беким Сали, тој како прв човек на здравствениот ресор не смеел да постапи и да направи нешто противзаконски.
„За седум лица се води и финансиска истрага, покрај кривичната истрага. Доказите се одземени, како здравствените картони, така и електронските уреди. Тоа што пишува на картоните и тоа што е во уредите не може да влијае никој“, додаде Спасовски.
Потенцираше дека МВР и Јавното обвинителство не добиле пријава од ексминистерот за здравство Беким Сали. Првата пријава е од годинава.
„Јас потврдувам дека секој еден што ќе се утврди злоупотреба, не само да биде во притвор, туку ќе треба да сноси одговорност од надлежниот суд“, додаде Спасовски.
Анкетната комисија заседава и во попладневниве часови.