Во деновите од викендот најмладите жители на Крива Паланка, но и сите кривопаланчани уживаа во музички хепенинг, кој се одржа на централниот градски плоштад, а го приредија дечињата од основните и средното општинско училиште од градот.
Кореографии на популарни детски рефрени, изведба на новогодишни композиции, музицирање и вокално-инструментслни перформанси, беа дел од богатата и весела програма која го привлече вниманието на публиката, но и на бројните посетители од соседните општини кои ја одбраа Крива Паланка за своја новогодишна дестинација.
Настанот го разубави и посетата на Дедо мраз кој пристигна на пладне и ги израдува дечињата, а вниманието на публиката го привлече главниот гостин на програмата, популарниот пејач Влатко Лозаноски.
Овој празничен настан претставува заокружување на новогодишната културна програма во организација на локалната самоуправа и институциите од областа на културата, која започна во четврток, 27 декември, кога премиерно беше изведен фестивалот на детска песна "Распеано симитче" 2018 во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности од градот.
