Иако не постои сигурен лек против мамурлакот, експертите велат дека правилниот избор на храна пред и по консумирањето алкохол може да помогне во ублажување на непријатните симптоми, како главоболка, мачнина и замор.
Нутриционистката д-р Ема Дербишајр советува по консумирањето алкохол да се избере лесен, но хранлив оброк, наместо мрсна храна, која често се смета за најдобар лек против мамурлакот.
Како една од најдобрите намирници ги издвојува јајцата, бидејќи содржат цистеин – аминокиселина што може да помогне во разградувањето на ацеталдехидот, соединение што се создава при разградувањето на алкохолот и се поврзува со главоболката и мачнината.
Јајцата се богати и со витамин Д, магнезиум и есенцијални аминокиселини, а во комбинација со леб можат да помогнат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта.
Нутриционистката Џена Хоуп препорачува и овес, кој е добар извор на бета-глукани што придонесуваат за здравјето на цревната слузница и помагаат во надоместување на дел од хранливите материи што организмот ги губи поради алкохолот.
Експертите советуваат внимание и пред консумирањето алкохол. Лекарката, позната на „ТикТок“ како @neenziiemd, препорачува пред излегување да се изеде малку сирење.
Според неа, сирењето содржи протеини, масти и сложени јаглехидрати, кои го забавуваат празнењето на желудникот, па алкохолот побавно се апсорбира. Освен тоа, содржи витамини од групата Б и калциум, хранливи материи чии резерви се намалуваат при консумирањето алкохол.
Стручњаците нагласуваат дека ниту една намирница не може целосно да го спречи мамурлакот ако се испие премногу алкохол. Најдобра заштита останува умереното консумирање алкохол, како и пиењето вода помеѓу алкохолните пијалаци, за да се намали ризикот од дехидратација.