Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ја известиле Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) дека во јуни го зголемиле производството на сурова нафта за околу 80 проценти во споредба со претходниот месец.
Според месечниот извештај, во кој увид имал „Блумберг“, ОАЕ во јуни произведувале околу 3,8 милиони барели сурова нафта дневно, што е за 1,71 милион барели повеќе отколку во мај.
Зголемувањето следува откако Абу Даби на почетокот на мај ја напушти организацијата ОПЕК, со што доби можност самостојно да го зголеми производството, без ограничувањата што ги наметнуваше картелот.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) минатата недела објави уште повисока проценка, според која производството во јуни достигнало рекордни 4,1 милион барели дневно.
Поголемото производство од ОАЕ доведе до зголемена понуда на азискиот пазар, поради што и Саудиска Арабија беше принудена да понуди попусти на својата нафта за да остане конкурентна.
Иако ОАЕ формално ја напуштија ОПЕК на 1 мај, организацијата сè уште ги вклучува нивните податоци во своите извештаи, бидејќи според статутот членството официјално престанува на почетокот на следната календарска година.
Во меѓувреме, ОПЕК благо ја намали прогнозата за растот на светската побарувачка на нафта во 2026 година на 800.000 барели дневно, но и натаму останува пооптимистична од Меѓународната агенција за енергетика, која очекува намалување на глобалната потрошувачка поради последиците од воениот конфликт на Блискиот Исток.