Научниците со години предупредуваат дека птичјиот грип, познат како H5N1, е потенцијална закана што може да премине од птици на луѓе и да предизвика глобална здравствена криза. Токму таа загриженост ги мотивирала индиските истражувачи да изработат нов компјутерски модел кој симулира како би се развивала епидемија кај луѓето и кои почетни мерки би можеле да ја спречат.
Вирусот веќе предизвика сериозни проблеми ширум светот – само во САД погодени се повеќе од 180 милиони птици, заразата се прошири на повеќе од 1000 фарми со крави за млеко, а се потврдени најмалку 70 случаи кај луѓе, најчесто земјоделски работници, пренесува Би-Би-Си.
Реална закана од пандемија
Новата студија, објавена во списанието BMC Public Health, користи податоци од реалниот свет и компјутерски симулации за да прикаже како би можела да се одвива една епидемија. Професорот Гаутам Менон од Универзитетот Ашока, еден од авторите, за Би-Би-Си изјави: „Заканата од пандемија на H5N1 кај луѓето е реална, но можеме да се надеваме дека ќе ја спречиме со подобар надзор и побрз одговор на јавното здравство.“
Според нивниот модел, пандемијата би започнала тивко: една заразена птица би го пренела вирусот на човек – најчесто земјоделец или лице кое работи со живина. Опасноста не е во првиот случај, туку во она што следува – одржлив пренос од човек на човек.
Трка со времето
Клучното предупредување од истражувањето е колку е краток периодот за реакција пред епидемијата да излезе од контрола. Студијата проценува дека, кога бројот на случаи ќе надмине две до десет инфекции, болеста најверојатно ќе почне да се шири надвор од примарните и секундарните контакти.
Моделот покажал дека епидемијата речиси сигурно може да се спречи ако домаќинствата на примарните контакти (луѓе кои биле во директен контакт со заразениот) се ставaт во карантин веднаш по откривањето само на два случаи. Но, ако се идентификуваат десет случаи, голема е веројатноста дека инфекцијата веќе се проширила во населението, што го прави понатамошниот тек тешко запирлив.
За моделот да биде што пореален, истражувачите симулирале сценарио во едно село во округот Намакал во Индија, централно подрачје за живинарското производство во земјата. Во тој регион има повеќе од 1600 фарми и околу 70 милиони бројлери.
Користејќи ја платформата BharatSim, тие создале синтетичка заедница од 9667 жители и следеле како вирусот се шири од една фарма до работниците, па потоа до нивните семејства, училиштата и други работни места.
Кои мерки се ефективни?
Истражувачите ги тестирале различните мерки: колење на живината, карантин и таргетирана вакцинација. Резултатите покажале јасна разлика. Колењето птици е ефективно, но само ако се спроведе пред вирусот да премине на човек. Откако ќе се појави првиот случај кај човек, клучно станува времето.
Изолацијата и карантинот можат да го запрат ширењето, но симулациите покажале дилема: прерано воведен карантин го зголемува ризикот од пренос во самото домаќинство, додека предоцна воведен има минимален ефект. Таргетираната вакцинација може да помогне, но не го намалува значително непосредниот ризик кај домаќинствата.
Покомплексна реалност
Авторите признаваат дека моделот има ограничувања. Тој не ги зема предвид промените во однесувањето на луѓето, како носење маски, ниту можноста за повеќе жаришта што можат да ги предизвикаат птиците преселници. Вирусологот Сима Лакдавала од Универзитетот Емери додава дека моделот „претпоставува многу ефикасен пренос на вирусот на грип“, што не мора да биде случај секогаш.
Таа укажува дека преносот е сложен и дека не секој сој има еднаква способност за ширење, а новите истражувања покажуваат дека само дел од заразените лица навистина исфрлаат заразен вирус во воздухот – што упатува на феноменот на суперпренесувачи, сличен на оној кај ковид-19.
Што ако H5N1 се прошири меѓу луѓето?
Доколку вирусот успее да се одржува и шири меѓу човечката популација, д-р Лакдавала очекува „големи нарушувања, веројатно слични на пандемијата на свински грип од 2009 година, а не на ковид-19“. Причината е подобрата подготвеност: веќе постојат антивирусни лекови кои делуваат против H5N1, како и складирани кандидат-цепива што би можеле брзо да се применат.
Ако H5N1 се вкотви меѓу луѓето, може да се рекомбинира со постојните вируси на грип и да предизвика „хаотични и непредвидливи сезонски епидемии“.
Индиските научници наведуваат дека нивните симулации можат да се ажурираат во реално време и да им служат на здравствените власти како важна алатка во првите часови од потенцијална епидемија.