МВР ја објави конечната ранг-листа на примените ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ и ги информира кандидатите за понатамошните чекори пред почетокот на школувањето.
Примените ученици на 1 септември 2026 година во 10 часот треба да бидат присутни во Полициската академија на МВР во Идризово, заедно со еден родител, старател или законски застапник, кој треба да понесе документ за идентификација. Таму ќе биде потпишан договорот за школување.
Учениците во Полициската академија ќе престојуваат до 4 септември 2026 година до 15 часот.
Поради интернатското сместување, од МВР ги повикуваат примените ученици со себе да понесат облека, спортска опрема, средства за лична хигиена и други лични потреби. Истовремено, се укажува да не носат вредни лични предмети.
Примените ученици треба да се отпишат од средното училиште во кое досега биле редовни ученици, како и да побараат да бидат отпишани од системот ЕМИС ЕСАРУ за електронски дневник.
Конечната ранг-листа на примените кандидати е официјално објавена и во просториите на Средното полициско училиште „7-ми Мај“.